
Претседателот на Собранието Талат Џафери, денеска имаше средба со регионалниот директор на Вестминстерската фондација за демократија (ВФД) за Европа и Централна Азија, Кристијан Левик, кој беше во придружба на регионалниот заменик директор и директорката на Канцеларијата на ВФД, Дамир Незири и Дона Костуранова.
Средбата на која присутвуваше и генералната секретарка на Собранието, Цветанка Иванова, беше во насока на ретроспектива на досега иницираните и реализирани заеднички успешни проекти помеѓу Собранието и Фондацијата.
Како што се наведува во соопштението на Прес-службата на Собранието, Џафери го навел основањето на Парламентарната буџетска канцеларија со која се зголеми капацитетот на службата во давање поддршка на пратениците, а со тоа и на Собранието, за систематизиран финансиски надзор и разгледување на Предлог-буџетот на државата врз основа на релевантни финансиски анализи засновани врз истражени податоци.
– Тоа придонесе и квалитетот на собраниската дебата да биде повисок. Ја спомна и поддршката за формирањето и развојот на Клубот за младински прашања и младински политики во рамките на Собранието на Република Северна Македонија како значаен успех од соработката. Дополнително, ја истакна и донесената Декларација за активно политичко учество на лицата со попреченост донесена во 2019 година како заслуга и на Фондацијата за демократија на Вестминстер. Своето образложение го заврши со зборовите дека Собранието останува отворено, како и досега за продолжување на веќе започнатите и иницирање на нови заеднички проекти во рамките на Стратешкиот план на Собранието 2023-2027 година, се наведува во соопштението.
Левик од своја страна изрази огромна благодарност за партнерскиот и пријателски однос помеѓу Фондацијата за демократија и Собранието, со потенцирање дека сите заеднички успеси се резултат токму на таквиот однос и неслучајно нашиот Парламент е лидер во регионот и пример за солидна, ефикасна институција која произведува бенефит за граѓаните.
Тој информираше за новата одобрена двегодишна програма на Фондацијата „Зголемено граѓанско учество и поголема доверба на граѓаните во институцијата“ и изврази задоволство од најавата на Џафери и Иванова дека Собранието во рамки на Стратешкиот план 2023-2027 година, ќе ги утврди приоритетите кои се совпаѓаат со Програмата и во таа насока ќе ги насочи активностите за идната заедничка соработка.