Испеана радост за Христовото Рождество


Имав особена чест да го проследам големиот Божикен концерт на традиционални празнични црковни песни – каланди во организација на манифестацијата „Бадникови поворки“, како круна на тридневното торжество за Христовото раѓање. Во оваа отворена „музичка мапа“, во мене влезе едно време од „Незнамкаде“.

 

 


 

Фатен во мигот на свеченоста, всушност се збогував со самиот себеси барем на кратко – додека траеше концертот. Поетска вечер со црковна наслада што ветува Вечност или насушна потреба од вакви настани, беше мојот краен впечаток.

Колку јасно сега станува тврдењето на Мартин Хајдегер: Поетите не заминуваат во Иднината, тие доаѓаат од неа. Во надоаѓањето на нивните зборови, единствено иднината присуствува!“ Таа законитост на идентификацијата со чинот на надживувањето на времето со крик или со песна, отсекогаш е една од најдлабоките драми на музичкиот хронопис низ неговите епохи. Песните не знаат за смрт! Охридската Архиепископија не успеа да стигне до првиот пејзаж со кого се сретнал духот на Партениј Зографски, Анатолиј Зографски, Крсте Петков Мисирков, не отиде во Белград на гробиштата на комуњарите за да ја провери силата на својот крик, не се сретна со нејзините денешни оспорувачи – особено од нашиот народ, не го сретна ни Блаже Конески, не отиде никаде, а стигна до Христа и Цариград, за да го отклучи срцето за споменот на нашиот народ.

И токму нејзе ѝ беше посветен минатонеделниот Божикен концерт, по повод одлуката од 9 мај од 2022 год. за сослужување во канонско единство со Вселенската Патријаршија, после што следеше и помирувањето со СПЦ. Божикниот концерт не може да биде сведен на студена анализа, оти додека се вгледуваваме во неговото песнотечение, нѐ надминуваше со својата неоспорна убавина. Оливер Јосифовски со Вера од Љубојна (обмислителите на музичкото патување низ Византија), хорот Козма Пречистански и другите гости свиреа, пееја како да пишуваа преписка со себеси, чиниш духовна одисеја по тие условни подѕидоци од Византија; како Света Литургија на животно ингениозно музичко наследство.

Продолжете со читање на fokus.mk