
Проектот „Унапредување на консолидацијата на земјиштето во Северна Македонија“, финансиран од ЕУ и кофинансиран и спроведуван од Организацијата за храна и земјоделство при Обединетите нации (ФАО) распиша јавен тендер (Референтен број: 2023/CSAPC/REUDD/120213) за обезбедување „Консултантски услуги за консолидација на земјиште во Северна Македонија – Планирање на распределба на земјиштето и Основен Проект за интервенции во земјоделската инфраструктура во Чифлик“.
Како што информира Канцеларијата на ФАО во Скопје, краен рок за поднесување електронска понуда за тендерот е 20 февруари, најдоцна до 13:00 часот.
Активностите што треба да се спроведат како дел од овој тендер вклучуваат подготовка и имплементација на План за распределба на земјиштето и дизајнирање на интервенции во земјоделската инфраструктура во консолидационото подрајче Чифлик (Општина Чешиново-Облешево).
Изведувачот треба да изврши процена на вредноста на земјоделското земјиште во Чифлик, согласно Законот за процена и Методологијата за вреднување на средствата во земјоделството; изготвување на План за распределба на земјиштето, по принципот на распределба со промена на границите, во согласност со Законот за консолидација на земјоделско земјиште; изготвување на Основен проект за рехабилитација/изградба на земјоделска инфраструктура во Чифлик, во согласност со Законот за градење, Законот за земјоделско земјиште и други релевантни закони; изготвување на Геодетски елаборат за посебни намени за консолидација како еден од основите за запишување на правото на сопственост во Агенцијата за катастар на недвижности; и обележување на мери и граници (околчување) на ново-формираните парцели во консолидационото подрачје.
Потенцијални понудувачи можат да бидат сите фирми регистрирани во Регистарот на даватели на услуги за консолидација на земјиште на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ), кои поседуваат лиценца Б за проектирање издадена од Министерството за транспорт и врски (МТВ) на Северна Македонија, а се лиценцирани од МТВ за процена на недвижен имот или од МЗШВ за вреднување на средствата во земјоделството.
За да пристапат до тендерските документи и да можат да поднесат понуда, заинтересираните компании треба прво да се регистрираат на Порталот на Обединети Нации за глобален пазар – United Nations Global Marketplace portal (УНГМ-UNGM) на: www.ungm.org/Vendor/