Потпишан меморандум за соработка во цивилното воздухопловство на Западен Балкан


Меморандум за соработка беше потпишан денеска во Белград од претставници на дирекциите и агенциите за цивилно воздухопловство на Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Северна Македонија, Турција и Албанија, во присуство на претседателот на Европската конференција за цивилно воздухопловство (ECAC) и шеф на Дирекцијата за цивилно воздухопловство на Италија, Алесио Кваранта.

 

 


 

Со ова тие институции ја поддржаа иницијативата за формирање Центар за обука од областа на безбедноста со седиште во Белград.

Тие, исто така, се договорија да дејствуваат заеднички со Европската комисија и Европската агенција за воздухопловна безбедност со цел автоматско признавање на дозволите за пилоти, дозволите за одржување авиони и дозволите за контролори на летање, соопшти Министерството за градежништво, транспорт и инфраструктура на Србија.

Заеднички ќе се разгледуваат можностите за планирање и спроведување заеднички инспекции, во согласност со националните закони, а по потреба ќе се организираат и форуми за цивилно воздухопловство на кои ќе се разговара за прашања од заеднички интерес.

Ресорниот министер Горан Весиќ присуствуваше на потпишувањето и оцени дека документот отсликува како во пракса изгледа идејата за „Отворен Балкан“.